Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на патрониот празник на црквата „Свети Климент Охридски“ во Стојаково

 На патрониот празник на црквата „Свети Климент Охридски“ во Стојаково, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов одржа пригодна проповед, која ја пренесуваме во целост.

 

Браќа и сестри, драги поклоници, како и секоја година така и оваа година овде не собра заштитникот на оваа наша Црква и оваа наша заедница св. Климент. Но, оваа година се сеќаваме на 1100 годишнината од упокојувањето на овој голем Божји човек. Оваа висока годишнина ни дава за право да размислуваме заедно во оваа светилиште не само за неговиот живот – кој повеќе или помалку ни е познат, туку за големото дело што Бог преку него го направи во Црквата, конкретно во нашата месна Црква во Македонија. Господ Исус кога ги избираше своите ученици ги избираше од обичниот народ поголемиот дел рибари. Меѓутоа, според својот Божествен план избра некои на кои им е подарена посебна каризма, односно неговото слово да го оформат во пишана форма и на тој начин да го направи достапен до секој човек. Св. апостол Павле говори дека верата е дар, но, како верата како дар да се прими ако не се навести. Што значи, на навестувањето претходи дарот а дар е милосно надградување над онаа што Бог според Објавата дарува. Меѓу учениците посебно се истакнува св. Павле, св. Лука, св. Матеја и други кои објавеното слово го воплотиле во писмо. Така на самиот почеток на христијанството заедно растат навестувањето на словото и пишаниот збор. Кога подлабоко ќе се нурнеме во формирањето на делата на Новиот завет, тогаш не само стручњаците, туку и сите луѓе забележуваат дека апостолите и нивните ученици тоа пишано Божјо слово го инкултурирале во тогашното време на култура, јудаизмот и грчкиот свет. Што всушност значи инкултурација? Тоа значи да се пренесат вечните вредности на Божјата објава на таков начин на изразување што луѓето од тоа време и простор ќе можат да го разберат. Тоа значи дека Божјото слово се облекува во конкретна култура, време и простор. Така настанува трајна задача на Црквата да бдее на вистината на Божјата објава но да се навестува со јазикот  начинот кој ќе биде разбирлив. Така, а тој начин, во текот на целата историја настанува нераскинлив спој на верата и културата.

Прво да се запреме на зборот вера? Како што рековме верата е дар. Тоа е пат преку кој Бог пристапува до човекот и му нуди вистинско спасение. Тој Божји чин е дело на Светиот Дух кој на секој човек му прозборува според неговата мерка. Затоа можеме во верата да бидеме браќа и сестри подеднакво, и оние со високо образование како и оние од обичниот народ. Бидејќи, верата е дар и говор на Светиот Дух. Писмото говори: Ветерот (Духот) дува каде што сака (Ив 7,8). Тоа значи дека често ни е непознат и незнаен чинот на Светиот Дух со што поедини луѓе стануваат верници. Духот говори преку совеста и срцето, но тоа што е важно да се истакне, ако верата е дар, тогаш човекот како примател мора да има отворено срце и совест за да може да ја слушна вдахновеноста на Светиот Дух. Верата како дар не може да се дава на сила и затоа човекот и кон тој Божји дар е слободен. И во овој случај за нашиот ДА или НЕ одлучува нашата волја. Според тоа, верата ни доаѓа ненасилно ни се нуди како ветрец и предизвик, и затоа треба да го имаме на ум тоа.

Нов поим е поимот култура. Во поширока смисла на зборот културата опфаќа сето тоа што еден народ, група или поединец прави да има свој сопствен идентитет. Идентитетот зависи и од воспитно образовното влијание. Христијанството како натприродна и објавена вера битно ја формира и културата. Така секој навестител е повикан да ја облагородува културата на оној и на оние каде дејствува. Така настанува веќе спомнатиот нераскинлив поим дека културата и верата одат заедно.

Кога сега ја разгледуваме улогата на св. Климент во историјата тогаш гледаме дека тој бил еден од најистакнатите луѓе во историјата. Не само кај нас, туку во цела Европа дури и во светот. На многумина не им е познато дека св. Иван Павле II како Папа сакаше да дојде како поклоник во Охрид и на целиот свет да му даде до знаење дека прв човек кој основал универзитет (дури и пред Сорбона во Париз) бил св. Климент во Охрид каде организира теологија, филозофија, право и медицина. Нормално, во тие можности кои во тоа време биле како норми за образование. Штета што историјата во тие краеви повеќе пати така трагично страдала и што тоа големо дело на учениците на св. Браќа Кирил и Методије скоро е занемарено и заборавено. Денес, кога се сеќаваме на св. Климент, нашиот заштитник, и таа голема годишнина од неговото Упокојување добро е да се постави прашањето: кој е односот денес помеѓу културата и верата?

Браќа и сестри не смееме да ги затвориме очите дека во Европа се гаси христијанската култура. После многуте тоталитарни системи човек на нашето време е лишен од својата култура а во процесот на глобализацијата се наметнуваат вредности кои повеќе не се културен карактер туку само механизми за збогатување на еден мал дел над мнозинството. Да може да се манипулира со човекот потребно е „да се ослободи“ во превод значи да се уништи неговата сопствена култура за да му се наметнат нови „вредности“ што уште повеќе би го заробиле. Така денес господари хедонизмот – закон на уживање, материјализам – закон за поседување само на материјални добра и толку други современи заблуди што не прават општество на сиромаси и зависници од моќниците на овој свет. Што на тоа да одговориме на празникот на св. Климент? Јас би препорачал три работи:

  1. Во Годината на семејството целата наша бискупија и егзархат размислувавме за вредностите кои сочинуваат едно семејство – христијанско семејство. Да го чуваме тој христијански идентитет на семејството, секое дете кое ќе израсне од христијанско семејство да носи во живот длабоко всадени вредности што стануваат норма на неговиот начин на размислување и дејствување. Нека не ги заборави своите корени било каде и да се наоѓа во светот или било што да работи да знае дека е син и ќерка на христијански родители што знаат што е светиња и каде Бог има свое место.
  2. Би сугерирал нашата христијанска култура иако е скромна да се случува во јасен живот. Што тоа значи? Кога Црквата ги собира своите верници при разни пригоди, како што е тоа денес сега и овде, сосема е јасно дека тоа е најнапред сакраментално собирање. Но, нека браќата свештеници и сите верници поработат на тоа да таа средба биде и чин на култура, бидејќи самиот збор култура доаѓа од култ, а тоа значи обожавање.Да се обидеме на тие средби еден со друг да се поддржиме и поттикнеме да издржиме и покрај сите кризи на нашето време да ја живееме културата на христијанството и нека тоа биде значајна порака до оние кои не набљудуваат. Никогаш да не го затаиме својот идентитет, зашто сведочејќи го Бога пред луѓето и нас Бог ќе не прими како свои на судниот ден.
  3. Да го замолиме св. Климент не само денес, туку секогаш да оди по нашите улици, села и градови и да ни ја збогатува благодатта и верата која е вкоренета во нашиот македонски идентитет. Амин.

Categories Новости | Tags: | Posted on December 13, 2016

Social Networks: RSS Facebook Twitter Google del.icio.us Stumble Upon Digg Reddit

Leave a Reply

close window

Service Times & Directions

Weekend Masses in English

Saturday Morning: 8:00 am

Saturday Vigil: 4:30 pm

Sunday: 7:30 am, 9:00 am, 10:45 am,
12:30 pm, 5:30 pm

Weekend Masses In Español

Saturday Vigil: 6:15pm

Sunday: 9:00am, 7:15pm

Weekday Morning Masses

Monday, Tuesday, Thursday & Friday: 8:30 am

map
6654 Main Street
Wonderland, AK 45202
(513) 555-7856