За Радово
Радово денес
Радово е сместено во средишницата од низинскиот дел на струмичката котлина, одалечено 12 км. источно од регионалниот центар Струмица, на 218 м. надморска височина. Опколено е со атарите на соседните села Босилово, Турново, Балдовци, Петралинци, Иловица, Штука и Секирник.
Во Радово излегува Христијанското списание “Светлина“, чиј што прв број излезе на 01 јануари 1995. Основач на Спиасанието е Н.В.П. д-р Киро Стојанов – скопски бискуп и струмичко – скопски епарх.
Радово низ историјата
Селото Радово низ вековике било населено со Македонци христијани, во времето на Отоманските освојувања на Македонија, тука се доселуваат муслимани-турци кои го колонизираат селото и земјиштето и со време ги протеруваат христијаните. По паѓањето на турската власт, тие носени од помислата дека се колонизатори ги напуштат тие краеви. Таква судбина имале бројни населени места во Македонија.
Бежанците, односно протераните од кукушко, серско, солунско и пазарско Македонци во 1913 година барајќи спас од поробувачките грчки војски се доселуваат во краевите каде што било можно, или конкретно речено во деловите на Македонија каде што грците неможеле да ги достигнат и убијат. Добар дел од нив нашле засолниште надвор од границите на Македонија, пред се во Бугарија. Најпрвин во Софија, а од таму биле раселени по разни делови низ Бугарија, како во Пловдив и пловдиско… Некои во западноевропските земји, други во Северна и Јужна Америка, Австралија… Голем дел од нив биле сместени во источните македонски краеви Горна Џумаја, Царево Село, Петрич и поцентрално во Струмица.
Еноријата свети Пророк Илија во Радово е продолжение на еноријата Св. Пророк Илија во село Алексово, од каде што се мнозинството на верници доселени во Радово, иако по семејста гледано е еден мозаик на состав од многу села од кукушката околија како што се: Мутулово, Рошлово, Морарци, Грамадна, Гола, Патрос, Јанешево, Иракли, Старошево… Радовската енорија е заснована веднаш со пристигнувањето на прогнаните, зашто со нив во Радово пристугнуваат и свештениците о. Георги Стојанов и о. Стојан Пецев. Отец Георги со поголемиот дел верници оди во село Секирник и ја заснова еноријата св. Никола Чудотворец, а во Радово останува о. Стојан, кој должноста парох ја врши до 1916 година, таа година парохијата ја презаме монс. Неделко Стојчев. Тој останува парох две години, во 1918 година Радово и целиот дел на струмичката котлина паѓа под власт на кралска Србија. Србската власт монс. Неделко го прогласуваат политчки неподобен и го протеруваат.
Прогнаниците наречени бежанци по долгото мачно и исцрпувачко патување, стигнуваат во новите краеви пред есента 1913 година и вогланво се населуваат во куќите напуштени од турците, купуваат штали, доградуваат мали куќарки. Во првите години по доселувањето во Радово и сите други населени места, тие се осудени да почнуваат се одново, одземените имоти во кукушко за нив се само добри спомени, за да се заработи за леб секојдневен морало да се најмуваат кај други. Тешко тоа паѓало да се црначи за најосновното за преживување, а свесни дека нивните имоти пропаѓаат од другата страна на планината Беласица. Многу првенци кои во родните краеви имале свои најмети тука морат и самите да се главуват како такви, за да заработат леб за себе и своите семејства. Но бедата да биде уште поголема бежанците живеат секојдневно под притисок како национално така и верски, на секој чекор биле застрашувани дека ќе бидат протерани. Дојдени како католици, со прилично понапредна школска подготвеност од тукашните мештани се гледани како опасност првин од бугарските а подоцна и од српските владетели.