Отец Илија Стојанов воведен во службата парох во Радово
На празникот Марија од Назарет, 9 октомрври 2022 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. Киро Стојанов за време на светата Литургија го воведе во служба новиот парох на парохијата „Свети Пророк Илија“ во Радово, отец Илија Стојанов.
Пред самиот чин на воведување, епископот Стојанов се заблагодари на протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и неговите соработници, воедно посакувајќи им благослов на новиот парох и парохиски викар.
Во таа прилика тој истакна: Денес, на конпатрониот празник и нашата созаштитничка на оваа наша парохија Марија од Назарет изразувам искрена и голема благодарност до Вашиот парох, протоереј – ставрофор и декан о. д-р Зоран Стојанов за неговото 23 годишно служење, до о. Трајче Ташев, за неговото 13 годишно служење и на о. Илија Стојанов за неговото 8 годишно служење на оваа парохиска заедница. Секогаш совесно, сложно и хармонично ја извршуваа својата свештеничка должност, жртвувајќи се неизмерно и несебично за духовното добро и духовниот раст на оваа месна црква и повереното им стадо, а воедно, со ваша помош и неизмерната подршка на Сестрите Евхаристинки и црковниот одбор, градејќи, доградувајќи и разубавувајќи го овој Божји храм го направија уште попривлечен за молитва и Божја слава како и чувајќи сѐ што и припаѓа на Црквата. На сите нив како и на новиот парох о. Илија Стојанов и новиот капелан о. Атанас Сирачев им посакувам Божји благослов и успех во понатамошното свештеничко дејствување. Од вас, драги верници, како и досега и отсега натаму, очекувам молитвена подршка да се молите за своите свештеници. Сите ние сакаме и очекуваме нашите свештеници да бидат добри и свети, но очекувањата не се доволни доколку од наша страна не бидат поткрепени со молитва и несебична подршка. Нека во сето тоа ни биде пример Марија од Назарет која беше вистинска потпора на првите Христови следбеници – апостолите и како што слушнавме на секој свештеник во кој го гледа својот Син, вечниот првосвештеник и наш Спасител Исус Христос.
На крајот од светата Литургија отец д-р Зоран И. Стојанов се заблагодари на Бога за 23 годишното служење во парохијата во Радово, на епископот Стојанов за поддршката во пасторалната работа, на неговите соработници, чесните сестри Евхаристинки, црковниот одбор, на кои им подари и молитвеник „Извор на Животот“, како и верниците и сите оние кои помагаа оваа парохија да расте и се развива.
к.мк