Прославен празникот Марија од Назарет
Со света архиерејска Литургија, која Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја служеше на 9 октомври 2022 година во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово е прославен празникот Марија од Назарет, копатрон на оваа парохија. На светата Литургија сослужува свештеници од Струмичко – скопска епархија и Скопска бискупија, а покрај верниците од Радово на светата Литургија присуствуваа и верници од други места и парохии, како и сестрите Евхаристинки. Свеченоста започна со свечена процесија околу црквата со статуата на Марија од Назарет.
Во својата проповед епископот Стојанов, најпрво ги поздрави присутните, а потоа се осврна на Марија од Назарет, која покрај тоа што е мајка на сите верници, на посебен начин истакна дека е и Мајка на свештениците. При тоа ја образложи специфичноста на свештеничката маријанска духовност. Во продолжение епископот Стојанов рече: Можеме да кажеме дека Марија од моментот на свештеничкото ракополагање го посвојува свештеникот затоа што во него го гледа својот Син Исус, кој проникнува во личноста на свештеникот преку светата тајна на Светиот ред.
Покрај специфичната природа на светата тајна на Светиот свештенички ред и свештеничката мисија и специфичниот однос меѓу свештеникот и Пресвета Богородица, епископот Стојанов ја истакна и отвореноста на Марија: Марија е жена на отвореност кон Бога и слушање на неговиот глас, жена на тишина и молитва, чистота и ревност, слугинка Божја, Нему целосно посветена. Нејзиниот живот, дефиниран со таа почетна подготвеност да му служи на Господа и целосно да му се предаде претставува идеален животен план и програма за секој Христов свештеник. Во светот на дисперзија, немир и отуѓеност во кој живее и работи презвитерот, потребна е смиреност, мир и блискост на Марија.
Понатаму монс. Стојанов истакна дека Марија е и Посредник на сите благодати и како таква претставува посебен пример за свештеникот кој Бог го назначил да биде посредник помеѓу небото и земјата.
Своето размислување Марија Мајка на свештениците епископот Стојанов го заврши со следниве зборови: Сите ние сме нејзини деца: верници, свештеници, епископи, папи. Марија е пред сѐ мајка на вечниот првосвештеник Исус Христос, а секој свештеник е вклучен во тајната на Христовото свештенство. Значи, ако Марија го воспитала големиот првосвештеник за жртвата на Голгота, јасно е дека таа ќе знае како да го воспита секој свештеник во духот на Исус Христос да биде она што Исус го бара од него. Во тоа е суштината. Блажена Дева – Марија од Назарет во една објава рекла: „Мојот син ги избира, а јас ги воспитувам“. И тоа е така, Исус избира свештеници, а Марија ги воспитува. Но на сите нам ни е дадена и слободна волја и од тоа зависи колку ние ќе им бидеме одани и примерни нејзини следбеници или ќе глумиме свештенство и ќе бидеме далеку од Марија, а кој е далеку од Марија, далеку е од Исус, далеку е од неговата Црква на која и служи само од интерес, а не од вера.
По проповедта следуваше воведување во служба на новиот парох отец Илија Стојанов, а на самиот крај од свеченоста епископот Стојанов ги благослови на верниците Светите Бројаници.
к.мк